Мои водечки принципи при спроведување на обука:
- Грижа за своите учесници – Можеби „љубов“ е пресилен збор, јас искрено се грижам за луѓето кои одлучиле да присуствуваат на моја обука. Ова не значи само давање комплименти во стилот „Колку сте добри и паметни како публика, вакви како вас немам видено„ туку настојување по обуката барем да бидат подобри отколку при нивното пристигнување. На крајот на краиштата, зарем не е тоа љубов?
- Автентичност – Мојата филозофија е „подобро биди свој отколку совршен“. Да се биде верен на она што си, не само што ја гради самодовербата и придонесува за ефективно учење, туку е и основен предуслов за одржување на менталното здравје и за автентично живеење. На обуките настојувам да создадам атмосфера каде што никој нема потреба да глуми за да остави подобар впечаток. И самиот не користам жаргон или високософистициран јазик со цел да изгледам покомпетентен. Го следам советот на Аристотел: “Размислувај како мудрец, но зборувај како обичен човек“.
- Инспирирање наместо само пренесување знаењее – Иако познавањето на темата и начинот на пренесување на знаењето се многу важни, убеден сум дека уште поважно е да се пренесат емоции и страст. Тоа совршено го објаснила Maya Angelou со зборовите, „Луѓето ќе заборават што сте кажале, луѓето ќе заборават што сте направиле, но никогаш нема да заборават како сте ги натерале да се чувствуваат“. Мојата цел е да ги инспирирам учесниците да тргнат на патување на само-подобрување преку континуирана внатрешна трансформација.