Моите неуспеси

Горд сум на моите достигнувања, но никогаш не би бил тоа што сум без моите неуспеси. Без разлика дали се големи или тривијални, неуспесите го обликувале мојот карактер, и колку и да биле болни, јас сум благодарен што сум ги доживеал. Ги гледам како учители и извори на мотивација, а не како изговори.

Не ни планирам да престанам со глупости, прво затоа што тоа е невозможно, и второ затоа што тоа би значело да живеам без да експериментирам и да ризикувам, што во превод значи живот без учење. Според мене, ова не е само здодевен туку и залудно потрошен живот. Да бидам целосно отворен, дури се надевам дека допрва ќе правам грешки затоа што како што некој паметен рекол „Единствениот начин да ја зголемите стапката на успех е да го удвоите бројот на неуспесите“.

Целосна листа на сите мои неуспеси и глупости што сум ги направил ќе бара простор што мојот интернет провајдер не може да ми го обезбеди . Затоа, ова се само дел од нив:

  • Професионални неуспеси: На завршните конференции на развојните проекти, обично се фалиме колку успешни промени и какви позитивни влијанија сме предизвикале со нашата работа. Сепак избегнуваме да зборуваме за она што не сме успеале да го направиме. Признавам дека сум спроведувал и обуки од кои не сум бил сосема задоволен. Сум учествувал и во јакнење на капацитети на институции и структури кои веќе не постојат. Целиот труд излегол дека е залуден. Знам дека и неуспесите се дел од секој развојен процес, но сепак…
  • Пропаѓање на бракот: Свесен сум дека е подобро среќно разведен отколку да се биде во несреќен брак. Имам преубав однос со моите деца и никогаш не престанав да бидам посветен татко, но сепак, како некој кој отсекогаш се замислувал себеси како семејна личност, неможноста да го зачувам семејството ја сметам за неуспех.
  • Рекордер во поалагање за возачка: Десет пати имам паднато на возачки испит. Да, добро прочитавте, и со бројки и со букви – 10 (десет) пати. Не сум чул некој друг да добие возачката дозвола дури од единаесетти обид. Долго време се срамев и не се осмелував да зборувам за тоа. Сепак, денес се гордеам со мојата упорност и совладување на мојот страв кој лесно можеше да ме блокира и да ме спречи да станам искусен возач. Тоа што често пати го губам патот, дури и со поддршка на GPS е друг муабет
  • Откажување од фудбал: На 15 години мојот талент ме доведе во Вардар нашиот најдобар национален клуб. Откако го загубив местото во првиот тим од послаб играч, кој беше поддржан од неговиот богат татко, никогаш повторно не се појавив на тренинзите. Во тоа време бев горд на моите принципи и на мојот став против неправдата, додека подоцна не сфатив дека тоа било само дел од мојата малодушност и незрелост. Најголема корист од таа моја одлука има Марадона, бидејќи веројатно никој денес не би зборувал за него, ако бев поистраен. 😉
  • Неодговорност: Автомобилот реши да ме остави на патот, затоа што прво јас него го оставив без масло. Моторот зариба откако упорно го игнорирав индикаторот што сигнализираше дека има проблем. Тоа беше моја чиста негрижа. Отсекогаш се гордеам што не сум роб на материјалните работи, но ова беше премногу. Крајна неодговорност, за која нема оправдување.