Кој сум јас?
Добро прашање 😊
Англичанец, Швајцарец и Македонец се натпреварувале кој е повешт во стрелаштво. За таа цел нашле едно храбро момче и му ставиле јаболко на главата. Англичанецот се оддалечил 100 метри, го оптегнал лакот, ја испуштил стрелата кон метата и го погодил јаболкото во центар. „Јас сум од Англија, јас сум Робин Худ!“, рикнал како лав на цел глас. Потоа Швајцарецот решително се оддалечил на 200 метри. На главата на момчето ставил помало јаболко, ја повлекол стрелата наназад, и оооп… за дел од секундата јаболчето било преполовено. „Јас сум од Швајцарија, јас сум Вилијам Тел!“, гордо извикал. Соочен пред голем предизвик, Македонецот самоуверено го заменил јаболкото на главата на момчето со шумска јагода. Се оддалечи 500 метри. Длабоко концентриран застанал. Речиси престанал да дише. Воздухот бил полн со тензија. Меѓу присутните владеела апсолутна тишина. Штама. Го оптегнал лакот, ја повлекол стрелата наназад, и… го погодил кутрото момче точно во левото око, кое веднаш паднало како покосено. Очајниот стрелец погледнал што направил, ја симнал капата и срамежливо шепнал: „Јас сум од Македонија, баш ми е жал“.
Јас се викам Александар или скратено Алек, и не што не ми е жал, туку сум многу горд што сум од Македонија, која сега не по наша воља официјално е призната како Северна Македонија. Сепак, јас го сметам целиот свет за мој дом или како што би рекле старите Римјани Ubi bene ibi patria. (Вашата татковина е таму каде што се чувствувате добро).
Кој сум јас?
Можам ли да се дефинирам како експерт поради тоа што работам во областа на економскиот развој како тим лидер и консултант повеќе од 25 години? Моја главна област на делување е поддршка на МСП и претприемништво (кластери на МСП) и Локален/Регионален развој, со главен фокус на управување со проекти, градење капацитети и фацилитирање на стратешките процеси.
Можеби со гордост можам да се опишам себеси како обучувач или модератор бидејќи имам одржано преку илјада работилници и модерирано безброј групни настани за повеќе од десет илјади луѓе на теми поврзани со личен и организациски развој. Мојата меѓународна кариера вклучува дизајнирање и реализација на обуки и презентации за компании, јавни институции и невладини организации во Албанија, Ерменија, Азербејџан, БиХ, Бугарија, Грузија, Грција, Хрватска, Јордан, Косово, Киргистан, Молдавија, Црна Гора, Србија и САД .
Или можам да се сметам за интелектуалец поради мојата диплома по економија, магистратура по менаџмент и докторатот? Со моите 16 години, јас сум најмладиот што некогаш се запишал на универзитетски студии во мојата земја. Тоа можеби звучи импресивно, но не кажува ништо за мојот интелектуален капацитет.
Можеби се гледам себеси како претприемач затоа што на 22 години успешно водев ноќен бар и започнав неколку други бизниси (не толку успешно).
Дали можам да се наречам писател, поради таа една книга што ја напишав за време на короната? „Татко ми е писател“, гордо рекла мојата најмала ќерка, кога неодамна некој ја прашал што работам.
Јас сум и татко на четири златни ќерки, сопруг, син, брат, пријател, комшија…
Но, сите овие се етикети кои само делумно ме опишуваат. Често пати ги користиме таквите етикети не само за да се опишеме кои сме, туку преку нив си го создаваме и сопствениот идентитет.
Понекогаш додаваме и дополнителна етикета – фирмата што ја поседуваме или во која сме вработени. Толку се идентификуваме со неа, што кога ќе останеме без работа губењето на приходите е многу помал проблем од губењето на идентитетот. Толку се врзуваме за нашите позиции, титули и функции, што нашите академски кратенки ги врежуваме и на нашите надгробни споменици (односно ни ги врежуваат, зашто ние не сме во состојба 😊). “Овде почива Дипл. инг или д-р тој и тој…“
Јас не сум сите овие етикети.
Па, кој сум јас тогаш?
Покрај моето образовна и професионална позадина, имам многу други области на интерес. Се чувствувам благословен поради мојата љубопитност и глад за континуирано учење. Читањето е една од моите главни страсти. Литература која ме инспирира – биографии на успешни луѓе, книги за личен развој, психоанализа.
Љубител сум на природата и рекреативно се занимавам со спорт. Фудбал, скијање, пливање… Обожавам да патувам, особено да посетувам не толку познати туристички дестинации. Колку помалку знам за земјата, толку повеќе имам желба да ја истражувам. Уживам да муабетам со локалното население, да ги учам нивните обичаи, да ја пробам нивната традиционална храна, да ги слушам нивните приказни.
Таблата е уште една работа поради која ми светнуваат на очите. Таа древна игра не ја гледам само како игра, туку и како филозофија, алатка за лидерство, инструмент за учење животни вештини.
Но, постои и темна страна на мојата месечина. Понекогаш сум тежок човек. Премногу емотивен. Ранлив. Нерасположен. Нетрпелив. Намќор. Знам да се чувствува мизерно. Или да се фатам себеси како не го практикувам она што го проповедам на обуките за комуникациски вештини.
Значи, дали одговорив на прашањето, кој сум јас?
Не сум сигурен. Веројатно има уште многу аспекти од мојата личност кои престојуваат во мојот непознат, несвесен дел, чекајќи да ме изненадат кога најмалку очекувам.
Сепак, сигурен сум во едно нешто, јас сум некој кој континуирано се труди да се усовршува, да стане подобар човек, некој кој се обидува да се инспирира и себеси, а и другите целосно да го искористиме својот потенцијал.
Клучниот збор е ОБИДУВА.






