Како смртта инспирира поисполнето живеење
Еден богат и моќен Персиец се шетал низ неговата градина со своите слуги. Еден од нив му се пожалил дека штотуку наишол на Смртта која му се заканувала дека ќе го земе. Тој го замолил својот господар да му го позајми својот најбрз коњ за да може да побегне во Техеран истата вечер. Господарот се согласи и слугата без двоумење тргнал во галоп. Кога господарот се вратил дома, тој самиот ја сретнал Смртта. „Зошто го преплаши и му се закануваше на мојот слуга?“, прашал тој. „Не му се заканував“, одговорила Смртта. „Бев само изненадена што го најдов овде кога планирав да се сретнам со него вечерва во Техеран“.
Сите многу добро знаеме дека во одреден момент ќе ни дојде крајот, но нашиот ум не сака да го прифати toa. На потсвесно ниво, дури и еве кога го пишувам ова, едно гласче во мене сака да ме убеди: „Абе ајде Алек, нема врска, тоа е им се случува само на другите“. Го избегнуваме дури и самиот збор „смрт“.
Но ајде да пробаме да кажеме неколку пати на глас „Јас ќе умрам“ (еден мал совет, сепак – направи го тоа кога нема никој покрај тебе😊)
Морбидно, хм? Но, зошто ја игнорираме и помислата на смртта? Зошто толку се плашиме од умирачка?
Умирањето воопшто не е страшно. Ние умираме секоја вечер кога заспиваме, бидејќи не сме свесни што се случува околу нас. На некој начин, ние веќе сме биле мртви уште пред да се родиме. Не се сеќаваме на ништо што се случило пред да дојдеме на овој свет затоа што не бевме тука, нели? Така ќе биде и откако ќе престанеме да постоиме. Тоа е таканаречениот „аргумент за симетрија“ опишан уште од Лукрециј, римскиот поет и филозоф пред новата ера. Иако не се сеќаваме на ништо претходно, ние сме целосно свесни за тоа од што ќе бидеме лишени откако ќе го напуштиме овој свет. Нема да ги гледаме нашите внуци како растат, ниту ќе знаеме во кој правец се развива нашиот роден град. Нема да знаеме дали нашиот фудбалски тим ќе освои титула или дали нашиот сопружник ќе најде друг партнер, итн. Сепак, сето тоа доаѓа само од нашето его. Ако успееме да го надминеме, ќе сфатиме дека сите овие работи воопшто не се важни. Ќе прифатиме дека светот никогаш не се вртел околу нас, ниту пак ќе престане да постои откако ќе го напуштиме. Светот едноставно не размислува за нас.
И на друг начин ние сме имале прилика да видиме како е да бидеш умрен. На пример јас никогаш не сум бил во Токио. Таму не познавам никого, а ни мене никој не ме познава. Немам оставено никаков белег таму, а освен она што за него имам прочитано или што сум видел на телевизија и интернет, немам поим што навистина се случува во најголемиот град на светот; како е да се почувствува утринското ветре, да се доживее сообраќајниот метеж, да се слуша градската врева или да се мириса уличната храна.
По таа логика јас сум мртов во Токио. И во Багдад, и Кито, Еквадор, и Мапуто, Мозамбик исто така. Донекаде сум мртов на илјадници други места каде што никогаш не сум бил, а можеби и нема да ги посетам.
Замисли си за момент што би се случило кога би живеел вечно. Ќе имаш неограничено време да патуваш низ светот, би можеле да управуваш со кој било бизнис што го сакаш и да се испробаш во сите спортови. Може да се препуштиш на која било храна; ти е гајле дали е нездрава, или полна со холестерол и триглицериди… затоа што никогаш не можеш да се разболиш и да умреш од неа.
На прв поглед сето ова звучи одлично, но вечниот живот би бил твоето најголемо проклетство. Ќе пролееш реки солзи над изгубените деца и внуци. Ќе плачеш додека не станеш целосно бесчуствителен и крут, полека претварајќи се во камен.
Освен тоа, штом ќе постигнеш сè, твојот живот би станал неподносливо празен. Да речеме, на пример, ако не станеш светски шампион во тенис сега, можеби ќе го постигнеш тоа следната година, или можеби за десет, сто или дури триста илјади години (ако Ѓоковиќ одлучи да се пензионира, се разбира😊). Ќе бидеш и познати и славен и богат. Ќе ја посетиш Бора Бора, еднаш, двапати, колку сакаш пати. И Јужниот пол исто така. Ќе ги истражуваш џунглите на Костарика и дивата Алјаска; ќе возиш велосипед покрај норвешките фјордови… И што потоа? Што доаѓа следно? Славата ќе ја изгуби својата привлечност; Малдивите нема да ти се ништо посебно после многуте посети. Ќе ги имаш откриено сите тајни, ќе се имаш заљубено стотици пати и исто толку често ќе се одљубуваш. Твојот ентузијазам ќе почне да се намалува, сјајот во твоите очи ќе се затемни, боите ќе почнат да бледеат, задоволствата ќе исчезнат. Дури и најголемите чуда нема да успеат да те импресионираат. Сè ќе ти изгледа како стара вест. Досадно. Ќе почнеш да се молиш да дојде крајот на твоето страдање, но тоа нема да биде можно. Можеби ќе почнеш да се уништуваш намерно. Алкохол, дрога, самоубиство…, но тоа нема да биде можно – извини, сам тоа си го бараше. Не е дозволена ниту евтаназија. Вечен живот! Ќе го пцуеш денот кога си го склучил тој договор.
Затоа, единствен начин да се постигне бесмртност е да се живее легендарен живот. Верувам дека тоа е нашата главна задача која ни е зададена уште при самото раѓање: да оставиме позади нас нешто што ќе не надживее, нешто што ќе придонесе да го остави светот барем за малку подобар отколку што бил пред нашето појавување. За да го постигнеме тоа, првиот чекор е да направиме една самоанализа, да се запрашаме дали вистински живееме во склад со нашите вредности и да ги направиме неопходните корекции.
Вториот чекор е храбро да се соочиме и да ја прифатиме нашата смртност. Да размислиме, што е животот? За Индијанците од Блекфут тоа е сјајот на светулка ноќе, еден здив на бафалото во зима. Стив Џобс, во својот познат говор на Стенфорд, ја опиша смртта како „веројатно најдобриот изум на животот“, природен агенс на промени, кој го расчистува старото за да се отвори пат за новото.
Во кралството Бутан имаат развиено посебен став кон смртта. Веруваат дека ако поминеш пет минути дневно размислувајќи за неа, тоа позитивно ќе влијае на твојот живот. За мене, еден од најинспиративните начини да се започне денот е со читање некролози. Додека се гледаме со ликовите си размислувам дека сите би сакале да ги имаат моите проблеми. Сè би дале за да имаат ужасна утринска главоболка, да имаат некој килограм вишок или да доцнат со отплата на кредитот. Размислувањето за смртта може да инспирира поисполнет и поавтентичен живот. Парадокс е што крајот на животот може најмногу да не научи за живеењето.
Затоа ајде да гледаме на смртта не како антитеза на животот, туку како негов составен дел. Да ја искористиме свесноста за нашето лимитирано време како повик за акција, да живееме не во сенката на смртта, туку во светлината на сознанието дека секој ден е подарок што не треба да се троши залудно.
А наместо да брзаш кон Техеран, пробај друга едноставна тактика за да ја избегнеш смртта. Кога присуствуваш на погреб, само погрижи се луѓето да не зборуваат премногу за тебе, затоа што ако ти си главната тема, големи се шансите токму ти да си причината за нивното доаѓање. 😉
На здравје!