Mоќта на добрите мисли, добрите зборови, и добрите дела
Се будиш сред убав сончев ден, полн со енергија, инспириран, подготвен да поместуваш планини. Ја шириш својата позитивност со твоите пријатели на Фејсбук со објавување на мудар мотивациски цитат пред да се упатиш кон работното место. Меѓутоа, само што стигнуваш до својот автомобил, откриваш дека е блокиран на паркингот, и наеднаш ти пукнува филмот. Како да не збеснеш кога твојот несовесен сосед по трет пат го прави истото во изминатиот месец? Како да не му се развикаш кога ќе се појави без никакво извинување? Како неколку минути подоцна да останеш смирен и да не му свириш на бавниот возач пред тебе, поради кој уште повеќе доцниш?
Одговорот ни го дава Виктор Франкл, човекот кој ги преживеал ужасите на концентрациониот логор за време на Втората светска војна, главно преку неговата способност да ги контролира своите мисли. Неговите зборови ми се еден од водечките принцип во животот: „Помеѓу стимулот и одговорот секогаш има простор. Во тој простор ние имаме моќ да ја избереме нашата реакција. Од таа реакција зависи целиот наш раст и слобода.“ Можеби немаме контрола врз настаните што ни се случуваат, но секогаш можеме да одлучиме како ќе реагираме на нив.
Не можеме да ги смениме нашите луди соседи (дури и да се преселиме, нема гаранција дека новите ќе бидат поразумни) или сообраќајот, но секогаш имаме слобода да го избереме нашиот одговор на надворешните околности.
Во свет каде што често негативностите и стресот доминираат во секојдневниот живот, постои една Зороастриска мантра, применлива во сите култури, религии и идеологии – „Добри мисли, добри зборови, добри дела“.
Овој древен принцип, заедно со зборовите на Виктор Франкл, не потсетуваат дека справувањето со животните предизвици е многу едноставно; потребно е да направиме само три добри избори: најпрвин, да ги избираме нашите мисли; потоа нашите зборови; и конечно, нашите постапки.
Моќта на добрите мисли:
„Човекот е она за што мисли цел ден“, напишал поетот и филозоф Ралф Валдо Емерсон. „Стануваме она за што размислуваме“ е познатиот цитат на авторот Ерл Најтингел.
Нашите мисли се архитекти на нашата реалност, семиња од кои р‘тат нашите постапки и искуства. Животот се состои од приказните што самите си ги кажуваме. Насмевни се, и светот се насмевнува со тебе, отсјај, зрачи и светот ќе ти врати со блескање. Ако сметаш дека луѓето што ги сретнуваш се непријателски расположени, тоа е веројатно затоа што несвесно ти самиот си се намуртил“.
Негувањето на позитивен став, благодарност и сочувство може значително да ги трансформира нашите животи. Избирајќи да се фокусираме на позитивните аспекти создаваме таканаречен ефект на концентрични кругови што достигнува многу подалеку од нашата непосредна околина.
И обратно, современата квантна физика сугерира дека задржувањето негативни мисли и фиксирањето на несреќи, проблеми и критики уште повеќе енергетски ги зајакнува истите. На тој начин се создава маѓепсан круг каде негативните мисли се манифестираат во реалноста, предизвикувајќи го точно она од што се плашиме.
Поради сето ова мораме редовно да практикуваме самоанализа, за да станеме посвесни за нашите мисли и чувства. Мораме добро да го истражиме нашиот внатрешен свет. За да го направиме тоа, не мора да користиме некои сложени и софистицирани техники. Понекогаш и една едноставна формула, наречена СТОП може да ни помогне за справување со негативните мисли. СТОП е кратенка од „Со Тоа Одма Престани“. Кога ќе забележиме негативна мисла, како на пример нешто лошо што веќе се случило, треба веднаш да си кажеме СТОП. Да не се расправаме со неа, да не ја анализираме – едноставно да ја исечеме во корен, да продолжиме и да ги пренасочиме нашите мисли на нешто друго. Најважно е да ја препознаеме и да не паднеме во нејзината замка. Негативните мисли се пијавици, ни ја црпат енергијата. Нашата реакција само ги зајакнува, им дава сила, но кога ги игнорираме и не им подлегнуваме, тие се збунуваат и кукавички бегаат.
Користењето на техниката СТОП не подразбира бегање од нашите проблеми. Ние нив не ги игнорираме, туку само не им дозволуваме да не парализираат. Уште помалку ги негираме нашите чувства. Според познатиот психоаналитичар Карл Јунг негираните чувства се наши господари, или „навредени богови“. Нивното непочитување или ставање под тепих само ги предизвикува повторно да ни се вратат и тоа најчесто маскирани во психосоматски болести или други манифестации.
Со активно заменување на негативните мисли со позитивни, можеме да ја реконструираме нашата реалност и да им пристапиме на предизвиците со поголема отпорност и оптимизам. Редовното практикување на благодарност го храни нашиот ум со ведри мисли кои ни стануваат главно оружје во соочување и да се справување со животните падови.
Влијанието на добрите зборови:
Зборовите поседуваат огромна моќ – тие имаат способност да го подигнат духот, да исцелуваат и да разгоруваат надеж во најтемните ноќи, но и да повредуваат и обесхрабруваат. Секоја изговорена буква носи своја тежина, способна да создава и менува судбини. Моќта на зборовите е толку голема што еден искажан збор што ни го разубавува денот, може лесно да ни го уништи кога е премолчен. Со изразување благодарност, мудро избирање на речениците и комуницирање со љубезност и емпатија, негуваме хармонични односи и создаваме посочувствителен свет.
Но, дали навистина умееме да ги користиме зборовите на прав начин?
За жал понекогаш тие ни служат не за да пренесеме порака, туку за да со нив манипулираме и го сокриваме она што се случува во нашите глави. Како што истакна Насим Талеб, „За да ги измамите обичните луѓе, користете прецизни слики. За да ги измамите образованите, преобразованите и лошообразованите, користете апстрактни зборови. За некои високо софистицираниот и неразбирлив жаргон е одлична алатка за маскирање на нивната неспособност.
Денес сите знаат да звучат мудро; сите знаат што очекува другата страна да слушне. Нашите биографии се преполни со звучни термини кои нè претставуваат како професионални, компетентни, вредни и одговорни. Се додека не ја добиеме посакуваната работа. Погледнете ги само објавите на Фејсбук, мед тече од нашите усти; толку сме љубезни и толерантни, што изразуваме емпатија дури и за пеперутките во Папуа Нова Гвинеја, но во реалноста не успеваме да создадеме нормален однос со нашите најблиски. Не разговараме со нашите браќа, сестри, немаме трпение за нашите родители.
Важноста на добрите дела:
Затоа, вистинската мерка на нашиот карактер се нашите постапки – опипливите манифестации на нашите мисли и зборови. Точно, зборови имаат моќ, но нашите постапки се оние што го обликуваат животот. Усогласувањето на зборовите со постапките се нарекува интегритет. Тоа значи да се биде одговорен и доверлив и другите да можат да се потпрат врз тебе. Тоа значи да бидеш таму каде што велиш дека ќе бидеш и да го правиш она што го велиш дека ќе го правиш кога ќе стигнеш таму.
Едноставните дејства, како што се контролирањето на нашиот темперамент кога сме заглавени во сообраќајот, споделувањето насмевка или давањето рака за помош, имаат големо влијание и на давателот и на примачот. Ниту еден збор не се изговара залудно; ниедна постапка не може да се избрише. Секој гест, без разлика колку е мал и незначаен, остава трага во универзумот, и тој веќе никогаш не е ист. Сè што се случило во минатото е вткаено во иднината.
Во зороастриската традиција, правењето добри дела не е само морална обврска, туку света должност. Само со практикување на сите елементи на светото тројство „Добри мисли, добри зборови, добри дела“ создаваме позитивни промени во нашите животи. Со негување чисти мисли, зборување со љубезност и интегритет, и ширење добрина, засадуваме семе на љубов, но на крајот ние самите сме тие што процветуваат.На здравје!