Интелектуална понизност
„Ти слушај, не се јавувам јас на погрешен број, туку ти одговараш на погрешен телефон“, вели тој во една од безбројте шеги за Чак Норис.

Во свет каде што знаењето често се поистоветува со моќ и успех, и каде што се чини дека сите тежнеат кон интелектуална надмоќ, понизноста како особина се повеќе се истакнува како симбол на мудрост и просветлување.
Замисли ја оваа ситуација: за време на лежерна вечера, жестоко дебатираш за правата на трансродовите лица (спорна тема, сигурно). Наместо страсно да го браниш твојот став како неспорна вистина, само се насмевнуваш и смирено признаваш: „Еј, можеби не сум во право, но подготвен сум да го слушнам твоето мислење!“
Тоа е суштината на интелектуалната понизност – спој на љубопитност, отвореност и здрава доза на самосвест. Таа подразбира подготвеност да се признае ограниченоста на сопственото знаење и стручност, прифаќајќи го фактот дека никој ги нема сите одговори, и тоа е сосема во ред. Тоа не само што не е никаков проблем, туку и не ослободува на некој посебен начин.
Да не се лажеме, потрагата по знаење понекогаш личи на бескрајна игра на интелектуална надмоќ. Често сме сведоци на таканаречен научен снобизам преку користење на навидум високостручен јазик или неразбирливи жаргони. Светот се претвара во арена во која напумпани ега се борат за внимание. Затоа помеѓу сите тие ударања во гради, има нешто прекрасно освежувачко во личноста која е подготвена да каже: “Знаеш што? Не сум баш сигурен за тоа. Ајде заедно да пробаме да дојдеме до одговор!”
Замисли свет во кој дебатите немаат за цел да докажат кој е во право, туку претставуваат заедничка потрага по разбирање. Свет каде што разговорите не се двобој што мора да се добие, туку можност за учење и развој. Можеби звучи како фантазија, но со практикување на интелектуална понизност, тоа е целосно изводливо.
Зошто да не му се пристапи на животот со чувство на понизност и хумор, наместо со ароганција и суета?
Ароганцијата создава лажна перцепција за самозначење. Дали ти се случило веднаш по влегувањето во такси, да добиеш блок часови за макроекономија и глобална политика од премногу самоуверен возач? Постои и научна објаснување за овој феномен, ткн. Данинг-Кругер ефект, каде што поединците со лимитирано знаење за некоја тема имаат тенденција да ја преценуваат својата компетентност. Тоа е како да мислиш дека си спремен за главен готвач во ресторан со Мишелин ѕвезди, само затоа што супер ти испаднале шпагетите.
Како да постигнеме интелектуална понизност во секојдневниот живот?
За почеток, можеме да ја практикуваме уметноста на активно слушање. Под активно слушање не подразбирам само кимање со глава и испуштање на добро извежбани звуци, како оноа од холивудските филмови – „уау“ (“wow”). Наместо да го чекаме нашиот ред да дојдеме до збор, активното слушање претставува вистинско внесување, впивање на она што соговорникот сака да го каже. Ако некој ни каже “Ми умре папагалот“, “Јас немам папагал“, не е баш најсоодветен одговор. Активното слушања бара да се ставиме на негово место, да пробаме да разбереме навистина како ја поднесува загубата. Кој знае? Можеби на тој начин ќе научиме нешто ново! За вистински да слушаме не се доволни техники, туку мора прво да сфатиме дека не сме најпаметната личност во собата. Таквото сознание ни го отвара умот, а тоа е првиот предуслов за “отворање“ и на ушите.Друг начин за постигнување на интелектуална понизност е да му пристапиме на животот со чувство на љубопитност и чудење. На крајот на краиштата, светот е огромно и фасцинантно место, исполнето со бескрајни можности за откривање и воодушевување. Со негување на отворен ум и светло срце, полесно ќе ја прифатиме сложеноста на животот со лабавост и хумор.

Познатиот писател Умберто Еко имал голема лична библиотека со преку триесет илјади книги. Кога го прашале колку од овие книги навистина сте прочитале, колку животи треба да живеете за да ги прочитате сите?“ тој објаснил дека веќе прочитаните книги имаат многу помала вредност од оние што допрва треба да се истражат. Му се чинело дека непрочитаните книги на неговите полици гледаат во него, тивко шепотејќи ги зборовите на физичарот Џон Вилер: „Како што расте твојот остров на знаење, уште повеќе се зголемува и брегот на твоето незнаење“.

Се разбира, интелектуалната понизност не значи да ја потценуваме нашата интелигенција или да се задоволиме со просечноста. Не, се работи за прифаќање да се биде човек, славење на своите несовршености и уживање во смеата, грешките и радоста од учењето нешто ново.
Се работи за кажување со милост во гласот „Ох, извинете, свртев погрешен број. Имајте убав ден!
На здравје!
